Опис на проектот „Поддршка на основањето и развојот на Парламентарниот институт“

Служба за истражување и информирање воспоставена на принципите на непристрасност, достапност и кредибилитет

Отсуството на независен истражувачки капацитет за подготовка и за преглед на законодавството претставува сериозен предизвик за уставната улога на Собранието на Република Македонија да обезбедува независна подготовка на закони и да спроведува ефективен надзор врз владината политика и постапување. Како одговор на тие потреби, Собранието почна со развој на свој независен извор за истражување и за анализа на закони. Заради кандидатскиот статус за членство во Европската Унија и во НАТО, Собранието, исто така, е одлучно да гради и да одржува односи со парламенти и со парламентарни истражувачки институции во Европа и пошироко, како и да стане модерен законодавен дом, кој е доброопремен за да ја одигра водечката улога во континуираната демократизација на Македонија и во евроатлантските интеграции.

Националниот демократски институт за меѓународни работи (НДИ) го поддржува основањето независен и ефикасен Парламентарен институт, кој ќе располага со професионални ресурси и на пратениците во Собранието и на собранискиот кадар ќе им обезбедува навремени, професионални истражувања и анализи за подготовка и за преглед на закони. Со главното финансирање кое е обезбедено од Швајцарската агенција за развој и за соработка (СДЦ) и со натамошната поддршка од Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) и од парламентарните институти во Република Чешка и во Република Словачка, проектот е почнат во февруари/март 2010 година и првичната негова фаза ќе трае до декември 2012 година.

Целта на програмата е да му се обезбеди на Собранието одржлив и независен извор на истражувања и анализи за законите, кои се засноваат на домашна и на меѓународна експертиза; да му се помогне на Собранието да се професионализира законодавниот процес преку зголемување на капацитетот за обуки на работното место за пратениците и за собранискиот кадар; да му се помогне на Собранието да развива процес за преглед на законите, кој се заснова на поголема информираност и критичност; да се поврзе Собранието со меѓународни законодавни ресурси за да се олесни усогласувањето на македонските закони со меѓународните норми и стандарди, особено во однос на евроатлантските интеграции.

Парламентарниот институт, предводен од Раководителот на Парламентарниот институт, е поделен на два сектора во који работат дваесет и четири вработени лица: Сектор за општи анализи и за евроинтеграции и Сектор за едукација и за комуникација/за истражувачка библиотека и за законодавна архива. Во Секторот за општи анализи и за евроинтеграции има две одделенија - Одделение за правни анализи и Одделение за анализи во областа на општествените науки. Во Секторот за едукација и за комуникација/за истражувачка библиотека и за законодавна архива, исто така, има две одделенија - Одделение за едукација и за комуникација и Одделение за истражувачка библиотека и за законодавна архива.

Главните достигнувања на овој проект се:

  1. потпишување меморандум за разбирање меѓу СДЦ и Собранието на Република Македонија и воспоставување договорни односи меѓу СДЦ и партнерите за спроведување на проектот, вклучувајќи ја и внатрешната структура на проектот и процедурите;
  2. организација на првата средба на Советодавниот одбор на Парламентарниот институт и средби на Управувачкиот совет на Парламентарниот институт;
  3. договор за соодветен простор во собраниската зграда (поголем од 600 квадратни метри) за канцеларии на Парламентарниот институт, простор за обука, простор за архива и читални; отворање тендерски процес за реновирање и за опремување на идентификуваниот простор;
  4. подготовка и олеснување на усвојувањето интерни документи за организацијата и за работата на Парламентарниот институт од Управувачкиот совет на Парламентарниот институт, Комисијата за прашања на изборите и именувањата и Агенцијата за администрација.
Copyright 2024 © - National Democratic Institute - All rights reserved