ПАРТНЕРИ НА ПРОЕКТОТ

Служба за истражување и информирање воспоставена на принципите на непристрасност, достапност и кредибилитет

Собрание на Република Македонија

Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт во државата. Собранието е еднодомно и го сочинуваат од 120 до 140 пратеници, кои се избираат на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање. Мандатот на пратениците трае четири години и тие не можат да бидат отповикани. Организацијата и функционирањето на Собранието се уредуваат со Уставот на Република Македонија, Законот за Собранието и Деловникот на Собранието.

Собранието на Република Македонија го донесува и изменува Уставот на Република Македонија; донесува закони и дава автентично толкување на законите; ги утврдува јавните давачки; донесува републички буџет и завршна сметка на буџетот; донесува просторен план на државата; ратификува меѓународни договори; одлучува за војна и за мир; донесува одлуки за менување на границите на земјата; донесува одлуки за стапување и истапување од сојуз или заедница со други држави; распишува референдум; одлучува за резервите на државата; основа совети; избира Влада на Република Македонија; избира судии на Уставниот суд на Република Македонија; врши избирање, именување и разрешување и на други носители на јавни и други функции утврдени со Уставот и со закон; врши политичка контрола и надзор над Владата и над други носители на јавни функции што се одговорни пред Собранието; дава амнестија и врши други работи утврдени со Уставот.

 

Швајцарска агенција за развој и соработка

Швајцарската агенција за развој и за соработка (СДЦ) е агенција за соработка на Швајцарија, која е одговорна за севкупната координација на швајцарските развојни активности и хуманитарна помош. Во Македонија е активна во рамките на пошироката соработка на Швајцарија со Македонија, која се заснова на секторска експертиза и на партнерства со земјата, кои се стекнати во текот на поддршката што Швајцарија ù ја дава на Македонија повеќе од 15 години. Во моментов, соработката меѓу Швајцарија и Македонија е фокусирана на две области - владеење на правото и на демократијата; и вода и животна средина. Во својата поддршка за Собранието на Република Македонија, СДЦ има придонесено со 1,63 милион швајцарски франци за развој на собраниската мрежа на канцеларии за комуникација на пратениците и на граѓаните и 3,65 милиони швајцарски франци за воспоставување и развој на Парламентарниот институт во рамките на Собранието. За повеќе информации во врска со СДЦ и соработката меѓу Швајцарија и Македонија, упатете се на следниве веб-страници: www.sdc.admin.ch и www.swiss-cooperation.admin.ch/macedonia/.

 

Национален демократски институт

Националниот демократски институт за меѓународни работи (НДИ) е непрофитна, непартиска организација, која работи за поддршка и за зацврстување на демократските институции низ целиот свет преку учество на граѓаните, отвореност и отчетност на Владата.

НДИ работи со политичките партии, Собранието и со граѓанското општество во Република Македонија од 1993 година заради поттикнување одржлива, цврста и динамична мултикултурна демократија. Преку градење врски на доверба меѓу Собранието, политичките партии и граѓаните, НДИ промовираше слободни и фер избори преку кодексот на однесување; воспостави мрежа на канцеларии за комуникација со граѓаните; го подготви првиот тријазичен (македонски-албански-англиски) правен речник; го зајакнува политичкото и законодавното учество на граѓанските организации, ромската заедница и на жените; ја почна програмата за практиканти во Собранието и ги поттикна првите законодавни и надзорни расправи во Собранието. Од 2010 година НДИ ги поддржува основањето и развојот на Парламентарниот институт. За повеќе информации за НДИ и за нашата работа во Македонија, посетете ја нашата веб-страница: www.ndi.org

Copyright 2024 © - National Democratic Institute - All rights reserved