Извадоци од Законот за Собрание што се однесуваат на Парламентарниот институт

Служба за истражување и информирање воспоставена на принципите на непристрасност, достапност и кредибилитет

ЗАКОН ЗА СОБРАНИЕТО НА РМ
XII СЛУЖБА НА СОБРАНИЕТО
Член 42

1) За зајакнување на својот законодавен и надзорен аналитичко-истражувачки капацитет, Собранието основа посебна организациона единица (Парламентарен институт).

2) Работата на посебната организациона единица од ставот (1) на овој член се уредува со посебен акт што го донесува генералниот секретар, врз основа на усогласените ставови и насоки од координацијата на претседателот на Собранието со потпретседателите и координаторите на пратеничките групи, во рок од три месеца од денот на стапувањето во сила на овој закон.

3) Посебната организациона единица (Парламентарен институт) претставува истражувачки центар, кој им обезбедува на пратениците навремени, објективни и независни стручни истражувања и анализи за извршувањето на пратеничката функција.

4) При ангажирањето на лицата во Парламентарниот институт треба да се води сметка за примената на начелото на правична и соодветна застапеност на сите нивоа врз основа на почитување на критериумите на стручност и компетентност.

5) Пратениците што зборуваат јазик различен од македонскиот јазик, а кој го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните во Република Македонија, ги добиваат материјалите што ги подготвува Парламентарниот институт и на својот јазик и писмо. На барање на пратеник, материјалите се преведуваат и на други светски јазици.

6) Парламентарниот институт соработува со органите на државната управа и со други институции во функција на навремено прибирање материјали и информации што немаат карактер на доверливост.

7) Управување со работата и надзор врз Парламентарниот институт врши Управувачкиот совет, кој е составен од координаторите на пратеничките групи, генералниот секретар на Собранието и од други претставници што се определени од координацијата на претседателот на Собранието со потпретседателите и координаторите на пратеничките групи.

8) Посебната организациона единица (Парламентарен институт) за своето работење доставува годишен извештај до Управувачкиот совет и до претседателот на Собранието.

9) Собранието обезбедува услови за примена на е-парламент во своето работење.

10) Собранието обезбедува услови за работа на парламентарната библиотека.

Copyright 2024 © - National Democratic Institute - All rights reserved